Wednesday, December 14, 2011

#Дебата #Премиер


Зошто Премиерот не учествува на дебати?


Ова е прашањето на кое не можам да си дадам одговор последните 2 мандати на оваа Власт.

Само да разјасниме на почетокот, кога велам дебата, не мислам на квази форми на дебата, какви што се перцепираат во политичките и интелктуалните кругови во Македонија. Поспецифично , прес конференциите на партиите – не се дебата по ниту еден основ, во ниту еден нивни елемент. Дебата, не се ниту политичките емисии во кои имаме монолози од политичари/интелектуалци кои имаат исти политички ставови на дадена тема, дури и во оние ситуации кога новинарите „глумат“ опозиција за да може да симулираме каква – таква дебата. Последно сите оние трибини каде на кафе-муабет се дискутира одредено прашање без притоа да се судрат ставовите на говорниците – се нарекува јавна трибина, природно и по автоматизам од самото име можеме да заклучиме дека ниту ова не е дебата.

Да поентирам, за да има дебата- мора да постои судир на аргументација на дадена тема. Временско ограничување, дебатлива теза, говорници кои веруваат во вредностите/политиките на дадено прашање/теза.

Е сега, откога го расчистивме ова, можеме да си ја пробаме среќата.

Ќе пробам да го барам rationale-от позади не-одењето на дуели, со 5 опции – мои опции.

Опција 1: Потценување на аргументацијата на противникот

Ова е поприлично лесно оправдување, кое би одело по линија на: Ние знаеме најдобро што е добро за нашата држава и нема што да дебатираме за политиките на Владата со некој кој имал време и можност да покаже што може и умее да направи. Оттаму секоја дебата со опозицијата би била излишна и непотребна.

--Оваа опција ужасно иритира, не само поради егото на политичарите, туку дополнително ја покажува ароганцијата на одредена политичка елита, демек не само што сме во право- туку немаме ни намера да ги сослушаме спротиставените мислења. Потценувањето на аргументацијата на противникот, најчесто се враќа како буменранг, не во смисла дека истото ќе им се случува на нив, туку повеќе, фактот што влегуваат во магичен круг каде само сопствените идеи ги сметаат за валидни, па се друго што се појавува како идеа во политичкиот дискурс мораат да го игнорираат. На крајот на денот, не можете да одбивате да дискутирате со политичките неистомисленици – не бидејќи сте најзаначајната политичка фигура (Премиер), ниту поради фактот дека огромна моќ е сместена во таа позиција, туку највеќе поради потребата да се тестираат и компарираат идеи кои произлегуваат од општеството.

Опција 2: Неверување дека дебата е потребна за Македонското општество

Нема што да дебатираме - граѓаните ќе одлучат на избори за која политика треба да го дадат својот глас. Делата се реперот за успешноста на Владите а не зборовите.

--Опасно е воопшто да се замисли општество кое не разговара за идеи, за политики, за вредности. Стравувам дека кругот на прашања за кој дебатираме е се помал и помал. Секако дека делата се важни во процесо на носење одлуки, но подеднакво важни се и идеите, нели впрочем делата произлегуваат од идеа, а доколку отворено дебатираме за некои идеи – некогаш, барем некогаш ќе можеме да ги подобриме и делата, така што повторно вие ќе имате директен ќар од тоа, ем сте дебатирале ем подобри дела.

Неодамна во FT имаше статија за Руските избори и еден коментар го привлече моето внимание поради апликабилноста во даденава ситуација, истиот одеше вака: Како да постои социјален договор меѓу Власта и граѓаните, Властите ветуваат повисок стандард – но за возрат бараат политичка пасивност. Така некако е и во нашава ситуација – нема да дебатираме- одлучете кого ќе поддржите врз база на делата кои ги правиме.

Опција 3: Тишината е најтежок аргумент за побивање.

Веќе неколку избори по ред, на Премиерот на нашата држава му успева без да излезе на јавна дебата со своите политички противници да победи на изборите. Одтаму можеби ова се смета како успешна политика која треба да се применува за да се задржи рејтингот на владеачката партија.

--Да тишината е најтежок аргумент за побивање и можеби е најлесно да решиш дека нема да практицираш дебата, но тоа не е правилниот избор. Плуралитет на идеи и избор на идеи е столб на демократијата, доколку некој решил да не практицира дебата, де факто го ограничува просторот за изложување на различни идеи – а со тоа влијае и на степенот на демократија во државата. Многу политичари имаат различни искушенија во облик на полесен начин како да се справат со одредени прашања, но идеата поради која од буџетот им даваме големи плати, назначуваме шовери и доделуваме темни службени возила е да се издигнат над полесните избори и да ги прават вистинските избори.

Опција 4: Таен пакт

Со кого и да дебатираат: граѓански сектор, новинари, интелектуалци – сите одработуваат за некого, најчесто некого = СДСМ. Затоа не треба да дебатираме со нив бидејќи имаат скриени агенди.

--Овој аргумент во теоријата се вика домино ефект, започнува со еден мал чекор кој води до низа поврзани настани кои кулминираат со значаен ефект. Воедно овој аргумент е во теоријата како класична логичка грешка. Во нашиот случај, стравувам дека за некое време нема да остане „достоен“ противник за размена на мислења.

Опција 5: Мисија – простор за јавна дебата

Можеби, само можеби постои политика на одбивање на дебатни дуели, за мошне поглатко да оди оној процес на идентификување на подобни и неподобни телевизии, подобни и неподобни емисии, подобни и неподобни новинари. Поприлично лесно за остварување- одиш на емисиите кои ги сметаш за прифатливи, со новинари кои ги сметаш за подобни, не одиш кај оние кои се од тајниот пакт. Со тоа сугерираш кај јавноста и твоите поддржувачи кои се опозициски медиуми/емисии/новинари а кои се неутрални.

А јавни дебати најголем дострел имаат кога се на национални телевизии, достигаат до најголема публика, имаат најголема гледаност. Сега за сега субститут на ова немаме, интернет дебатите не се развиени до мера да можат да ги заменат класичните ТВ дебати. Така што моменталната ситуација во медиумите е поларизирана и етикетирана само зборува за тешкотиите во обезбедување јавен простор за дебат.

--

Е сега, погледнете ги повторно причините погоре, дополнете ги со што мислите дека е можно да е дополнителна причина, одземете тоа што не Ви се допаѓа од мојата листа, и замислете се дали вреди?

Дали вреди која било причина да не ја практикуваме нај-демократската алатка која ја имаме за бирање на нашите политички фаворити и политиките кои сметаме дека треба да се спроведуваат во нашата држава.

Жално е доколку после 20 години демократија ние треба да се убедуваме дека дебатата е корисна за едно општество и дека треба да ја практицираме.

Жално е доколку треба да се убедуваме меѓусебно дека преку дискусија треба да утврдиме која политика повеќе ни се допаѓа и таа да ја поддржиме.

Дебатата не нуди компромиси – нуди различни ставови кои треба да бидат презентирани пред пошироката јавност – а јавноста да одбере што и делува разумно, изводливо, прифатливо и сл.

Дебатата мора да биде во центарот на политичкиот дијалог, а не излитените шаблонски соопштенија за медиуми и наштимани трибини и ток – шоу-а.

Мораме да ги гледаме нашите политичари од сите ешалони на кој начин ги аргументираат проектите и идеите на поврзани со нивните идеологии.

Мораме да видиме и каде е судирот на мислења помеѓу политичките партии, освен оној очигледниот за превласт.

Со влегувањето во политиката, мораат политичарите да прифатат дека нивните идеи ќе бидат ставени на тест, нивните идеали предизвикани а нивните вредности нападнати – и тие мора да ги одбранат истите доколку навистина веруваат во нив и доколку навистина постојат аргументи кои се на нивна страна.

Но без непотребна патетика од моја страна, и моите чуства кон дебатата- да ги видиме последиците од ова:

Граѓаните скоро и да се навикнаа да носат одлуки/ гласаат без притоа да ги чујат лидерите на политичките партии како ги „бранат“ тие политики, тие вредности.

Новинарите се на работ да се откажат од правење на класични дебатни емисии, но не без причина, кутрите - најверојатно се изморија од празните столчиња во нивните студија – и решија да го одберат полесниот пат- кафе пиенки со стандардна екипа гости.

Политичката опозиција, срамежливо од избори на избори ќе потспомне дека сака дебата, во остатокот од времето, како ѓоамити - џентлменски да се договориле со политичките опоненти дека моменталната ситуација е вин – вин за двете страни, и едниве си победуваат на избори не – одејќи на дебати, и другиве имаат оправдување да ја користат реториката: недемократска власт – видете не излегува на дуели.

Интелектуалците, граѓанскиот сектор – започнаа да пре-бираат дали да одат на дебати, кој ги организира, дали говорниците им се по ќеиф и така натака. Сметам дека ова на долг рок е лошо решение и дека само ќе допринесе кон задушувањето на можноста за аргументирано комуницирање меѓу различни интересни групи.

Да не ни зборувам какво влијание има ова кон младата и кревка МК демократија, на која ужасно и треба културна и аргументирана дебата, на која ќе ги видиме лидерите на партиите во исто студио, без плукање, кубење и плачки како разговараат за важни прашања. Па можеби, само можеби младите генерации во тие партии и младите генерално ќе видат дека политиката е натпревар на идеи и политики а не на лепење плакати и реклами.

И како после јас со Георги В. (заедно предаваме дебата), кога ќе одиме на предавање во сабота со 25 деца средношколци во Скопје да им објасниме, дека дебатата е важна алатка во демократските општества, и дека треба да дебатираме за да можеме да ги избереме вистинските идеи за одредени прашања. Среќа во несреќа е што мислам дека дечките кои доаѓаат на предавањата се посвесни од политичарите.

И колку за потсетување, над 10 дебати имаше до денска Републиканската партија за да го одберат соодветниот кандидат кој ќе се натпреварува за претстедателската позиција со претседателот Барак Обама.

Ах да. Ќе заборавев една опција. Доколку е причината форматот на дебатата. Односно доколку постојат дилеми околу врметраење на говорите, неутрален модератор, локација и слично, не се сеќирајте, само нека има желба, другото се се средува.


Wednesday, April 7, 2010

Пинокио

(објавено во Дневник, сабота, 03 април 2010)

Мислам дека е дојдено времето Пинокио да прерасне во вистинско момче. Доволно видовме од фазата на дрвена марионетка контролирана од поголема сила, уморни сме од фазата на растење на носот по секоја кажана лага. Мислам дека сме подготвени, конечно од дрвената кукличка да направиме вистинско момче. Во цртаниот филм промената ја прави самовилата, но во македонскиот случај промената ќе мора да ја направат студентите.

Не можам да најдам посоодветна споредба на моменталната ситуација во студентското организирање отколку онаа со приказната за Пинокио. Само забележете ги главните елементи во приказната и ќе сватите за што Ви зборувам:

Пинокио започнува како дрвена кукличка, популарно наречена марионета поради тоа што за разлика од останатите кукли оваа има конци контролирани од некој „над неа“ најчесто оној кој ја направил куклата или пак оној кој ја добил по некој основ. Позицијата на Пинокио не била привилегирана, напротив, тој мора (како што вели македонската поговорка) : да игра како што ќе му свират, во спротивно многу лесно конците може да бидат пресечени и Пинокио никогаш да не може да се исправи. Дрвената кукличка Пинокио имал и една дополнителна мака, секој пат кога кажува невистина неговиот нос драстично се зголемува и со секоја кажана лага, тој бил се подалеку од станување на вистинско момче.


Студентското организирање во Македонија денеска, на жалост не може да се пофали дека во оваа област има направено некаков напредок од пред 19 години, кога започнува да постои Македонија како самостојна држава. Голема вина за ова земаат политичките партии (и тоа сите партии без оглед на тоа дали се од албанскиот или македонскиот политички блок, без оглед дали се од позиција или од опозиција) кои мошне итро ги користат овие организации како механизам за оддржување на ситуацијата во статус кво-то, а за жал статус кво-то е поприлично лошо.

Многу полесно, веројатно им делувала опцијата да стават „одбрана екипа“ на луѓе и истите да се прогласат за претставници на студентите и преку нив да можат да ги остваруваат своите интереси, отколку да се направи квалитетно студентско здружение кое ќе ги претставува сите студенти во светло во кое заслужуваат.

Многу поедноставно било да се направи членството во организацијата да биде задолжително без разлика на активностите кои тие ги имаат, отколку да се трудат преку реализирање на проекти и активности да ги привлечат вистински заинтересираните студенти и да го почитуваат уставното право на слобода на здружување.

Многу помалку комплицирано им било да се направи задолжително финансирање од страна на студентите, отколку малку да се потрудат да најдат самите некакви финансии.

Но како возврат за вака фино конструираниот договор, студентското движење потпишало инсталирање на конци на сите делови од неговото тело, и така започнува приказната за Пинокио. Одтогаш па до денеска така функционира студентското движење: немоќно да направи промени, неспособно да превзема чекори за подобрување на ситуацијата во која се наоѓаат студентите, не ни помислуваат да се занимаваат со проблемот на постоење на корупцијата во Високото образование а уште помалку да се заложуваат за подобрување на квалитетот на студиите. Ви велам, многу слично на познатиот цртан, многу слично на марионетка.

И нормално дека во ваква поставеност на позициите, не може да се очекуваат резултати од нашите студентски организации. Истите мора да се служат со преувеличување на сработеното, хиперболизирање на проблемите за да се добие слика дека воопшто нешто се случува. Но како што реков колку повеќе Пинокио лажел толку подалеку бил од станување на вистинско момче. А во нашиов случај пак како за инает имаме примери од соседните држави (Србија, Словенија, Хрватска) каде студентските организации не само што се реформирани туку се и двигатели на општеството, и тоа ова кај нив не е само една излитена флоскула туку е и реален приказ на теренот.

И ситуацијата долго ќе останеше ваква да не се појавеше огромен бран на нови свежи идеи и иницијативи од студенти и студентски организации. Долго потиснуваниот капацитет на различното размислување и демократско право на изразување на студентите вивна на површината и во неполна година остави поголема трага во поглед на креативност, заложба и организација - отколку сите студентски сојузи од основањето на оваа организација до денеска. Во приказната волшебничката го направи Пинокио вистинско момче, но во нашата приказна единствено решителни студенти и студентски акции можат да ја направат трансформацијата.

Од таму денес, ситуацијата на хартија - Студентските Сојузи како единствени претставници на студентите не кореспондира со реалноста. Во реалноста имаме студенти-поединци, новоформирани здруженија на граѓани и организации кои работат интензивно на проблематиката на студентското организирање. Мораме да се соочиме дека е дојдено времето да се стави крај на последниот бастион на социјализмот во Македонија и да се реформира студентската организација за да може да ги артикулира потребите на сите студенти. Во време кога секој втор збор на нашите политичари е домократизација и следење на Европските стандарди, има ли подобро место од воведување на овие принципи од срцевината на интелегенцијата, срцевината на државата - на Универзитетот.

Политичките партии мораат да се согласат дека императив е да се направат реформи во студентското организирање и да оформат работна група за креирање на нов закон за студентско организирање. Барем за оваа работа нека се согласат имајќи на ум дека студентите би требало да растат во средина на плуралитет на мислења карактеристична за демократските општества а не поинаку, барем овој пат нека не се користат аргументите на етикетирање и навреди туку сериозно да се разгледа можноста за подобрување на ситуацијата.

Барем еднаш нека приоритет бидат Студентите.

Време е Пинокио да стане вистинско момче.

Wednesday, November 18, 2009

Останете така.....

Дали сте биле во ситуација кога после едно викенд излегување во кафич,дискотека во таа задимена просторија полна со ваши годишници облечени во скапи кошули и светликави одела кои пијат пијачки кои не им пријаат и сериозно им се лоши и длабоко во себе сакаат да си нарачаат топло чајче, млекце или некој напиток кој сериозно го сакаат, и прекрасно нашминкани девојки кои.....хмммммм па мислам дека тоа е тоа, прекрасно нашминкани девојки.....

Екстраванганден келнер и вратар кои дополнително го разубавуваат вашиот помин......

Во комбинација со прегласната музика која предизвикува екстаза во просторијата кога сите со една крената рака високо во просторот –вперувајќи го показалецот кон Ди Џејот и смело извикувајќи ги зборовите од песната – „ УУууууУУУУууу пам пам па па па пам па па па„ од најдобриот Ди Џеј во Југо Источна Европа – според весникот кој ги рангираше и Тиесто и Ван Бурек и Дерик Меј кој е на голема светска турнеа низ светот и по Бугарија ја посетува Македонија – и чив перформанс, бидејќи не е свирка не е настап туку секако перформанс морате да го посетите бидејќи доколку не – истиот кога ќе го прикажуваат на Ексклузив, Бек Стејџ , Фарма , Голем Брат и останатите информативни и премногу забавни за вкусот на подпросечниот граѓанин емисии нема да бидете во тек. А пак кога ќе дадат снимка од преполниот локал и кога некој од видеото ќе извади слика и истата ќе ја стави на фејзбук и Вие нема да бидете тагнат – па тогаш збогум репутацијо, збогум оооо имиџу што толку долго те градев во текот на годините одејќи на средношколски забави кога јас бев на факултет, или пак во сите крајно отмени кафани во парк, или промоции –еххххх......Залудно......

И одите Вие накај вашиот роден крај (дома) по „бурната„ вечер пешки бидејќи веќе немате скршен денар во чеб, размислувате на работи кои никогаш нема да ви бидат од никаква корист, замислувајќи ја сопствената иднина, иднината на државата J и слични работи со кои најчесто си го трошиш времето, да исто-така и Плавата девојка покрај шанкот што цела вечер се гледавте ама некако не знаевте како да и пријдете бидејќи некако ја немавте некласичнта – тотално заводлива- нималку излитена реченица –

Од Каде те познавам? Или пак дотолку подобро - Зошто волку убава девојка како тебе седи сама? Татко ти мора да е крадец ....украл.....и знаете како одат до крај сите .....

Гладен си, ама те мрзи да одиш до фурната во Скопјанка – а и плус немаш пари а веќе е касно да викаш под тераса....мамооооооо фрли ми 20 денари, а и башка што веќе и тоа е де-мо-де никој веќе не ја прави таа благодарна работа да седи под прозор и 25 минути без престан со ист тон на гласот вика .....мамооооооо фрли ми 20 денари.....Да излезе наместо мајка ти - татко ти и заповеднички да те повика дома додавајќи ти во вид на надимак – нагалено име на домашно животно – Говедо планираш ли ти да се прибереш дома! Па објаснувањето со него дека сите останати деца ги пуштаат до покасно само тебе те прибираат и што е најважно дека целата дискусија мора и неопходно треба да се води меѓу точка А – татко ти на тераса и точка Б- Ти пред зграда.....Ах проклети домофони ја уништија оваа прекрасна навика на мак. Фамилија.

Продолжуваш да патуваш по твојата слабо осветлена улица, и во далечините на истата можеш да видиш фигура која се упатува накај тебе – полека но сигурно стравот се појавува кај тебе, слабо слушаш поради перфектното озвучување и единственото нешто што добро го слушаш е –„ УУууууУУУУууу пам пам па па па пам па па па„ ..... Како повеќе се приближуваш забележуваш дека таа фигура е твојот „другар„ од основно ..... Срдечно се поздравувате и првиот кој ќе се реши да прозбори го поставува секогаш истото/ неверојатно непотребно прашање :

Кај си бе брат ?

Хехехехех дали сте забележале дека секогаш кога се сретнувате со некого, без разлика каде, без разлика во кој дел од денот, во каква прилика , секогаш прашувате/ве прашуваат ова прашање Кај си бе брат? Кај сте бе дечки? и разни варијации од ова- сите насочени кон тоа каде сте..... Уште почудно од ова е одговорот кој го даваме.....

ЕВЕ

Ќе го преболам прашањето, но одговорот ЕВЕ, зошто го користиме овој збор и што точно истиот значи, не е Евааа/ кавадаречкиот термин, зошто не одговориме На улица Брат, стојам до тебе.....Или На кино, на ВЦ – шоља..... полесно ќе биде и за едниот и за другиот доклку не прават непотребни, колку да се направат муабети – бидејќи верувале или не немате многу заеднички работи за муабетење со пријателот од основно со кого 9 години се немате видено.Но би биле наивни доколку мислиме дека непотребниот, крајно непродуктивен разговор завршува тука....Откога е утврдена ситуацијата каде се наоѓаат двајцата следува следното прашање......

Што има ново?

Ова е уште подобро од минатото, човекот со кого не си имате видено 9 години за кого последното нешто што сте го чуле е од периодот кога игравте фудбал клас на клас Б против Г..... Што има ново, па да ти кажам откога заврши полуматурата си отидов дома и се скарав со сестрами, тоа лето 2000 отидов на одмор во Охрид и времето не ни се погоди само неколку дена се бањавме, ама не е важно во Септември се запишав во средно..... Нешто налик ова треба да биде одговорот на ова прашање, не ме зезај Што има ново? Па во принцип СЕ, да ме прашаш што е останато по старо е тоа е друо прашање, но што има ново? Драстично спротивно на ова е одговорот кој ние го даваме

Ништо....

Зарем искрено на некого во период од 9 години ништо ти се нема случено, баш ништо, ниту најмала работа - се сомневам , еве чим си доаѓаш од некаде сигурно ти се случило нештo - етееее.....Технички не е изводливо да не ти се има случено ништо...... И така, ова беше работата која ме мачеше.....Ајде на база на договор да пробаме да го избегнеме ова несуштинско прашање чиј вистински одговор би бил најверојатно од времетраење од неколку дена а сите сакаме да го избегнеме тоа нели, времето е пари – со пари се носат Ди Џеи и Шако Полумента......

Вакви примери има полно .....

Двајца луѓе се во иста соба – едниот со доза недоверба го прашува другиот – Спиеш? – другиот со полна самодоверба вели ДА......хммммм..... како е ова возможно, освен ако не месечариме кога го одговараме ова......

Две другарки се сретнуваат пред фреш едната целата возбудена доаѓа до другата и и вели : Не знаеш што ми се случи..... ШТО? Како би знаела запрашаната личност за што по ѓаволите зборува возбудента – ти се јави Дејвид Бекам? Папата? Доби на лотарија ?

Трендо на Милионер – „Одиме со реклами останете така„ .....Замислете дека во тој момент Вие сте во Вашата дневна соба и многу сериозно Ви се оди во ВЦ, дополнително кивнавте и неединтификувани течности се на Вашата маица, Телефонот ви звони, Звончето на влезната врата ви звони и домофонот ви звони....А Вие „ мора да останете така„ додека не завршат рекламите –а бидејќи рекламите на А1 поприлично траат – можете сами да си ја отсликата ситуацијата понатаму. И откога ќе останете така – ќе почне квизот- бидејќи веќе не мора да бидете така .... ќе одите да ги направите сите работи- И ќе го пропуштите квизот – Останете така не е сериозен и продуктивен концепт .....исто и што има ново? ..... и сите останати горенаведени, долупотпишани споменати работи ......

Заклучок немам ..... зошто да имам ...... Шако , Дадо Полумента, Јован Јованов и брат му, Елвир Меќич и ДНК полнат дискотеки....јас во знак на протест немам заклучок....

Поз И ОСТАНЕТЕ ТАКА