
Зошто Премиерот не учествува на дебати?
Ова е прашањето на кое не можам да си дадам одговор последните 2 мандати на оваа Власт.
Само да разјасниме на почетокот, кога велам дебата, не мислам на квази форми на дебата, какви што се перцепираат во политичките и интелктуалните кругови во Македонија. Поспецифично , прес конференциите на партиите – не се дебата по ниту еден основ, во ниту еден нивни елемент. Дебата, не се ниту политичките емисии во кои имаме монолози од политичари/интелектуалци кои имаат исти политички ставови на дадена тема, дури и во оние ситуации кога новинарите „глумат“ опозиција за да може да симулираме каква – таква дебата. Последно сите оние трибини каде на кафе-муабет се дискутира одредено прашање без притоа да се судрат ставовите на говорниците – се нарекува јавна трибина, природно и по автоматизам од самото име можеме да заклучиме дека ниту ова не е дебата.
Да поентирам, за да има дебата- мора да постои судир на аргументација на дадена тема. Временско ограничување, дебатлива теза, говорници кои веруваат во вредностите/политиките на дадено прашање/теза.
Е сега, откога го расчистивме ова, можеме да си ја пробаме среќата.
Ќе пробам да го барам rationale-от позади не-одењето на дуели, со 5 опции – мои опции.
Опција 1: Потценување на аргументацијата на противникот
Ова е поприлично лесно оправдување, кое би одело по линија на: Ние знаеме најдобро што е добро за нашата држава и нема што да дебатираме за политиките на Владата со некој кој имал време и можност да покаже што може и умее да направи. Оттаму секоја дебата со опозицијата би била излишна и непотребна.
--Оваа опција ужасно иритира, не само поради егото на политичарите, туку дополнително ја покажува ароганцијата на одредена политичка елита, демек не само што сме во право- туку немаме ни намера да ги сослушаме спротиставените мислења. Потценувањето на аргументацијата на противникот, најчесто се враќа како буменранг, не во смисла дека истото ќе им се случува на нив, туку повеќе, фактот што влегуваат во магичен круг каде само сопствените идеи ги сметаат за валидни, па се друго што се појавува како идеа во политичкиот дискурс мораат да го игнорираат. На крајот на денот, не можете да одбивате да дискутирате со политичките неистомисленици – не бидејќи сте најзаначајната политичка фигура (Премиер), ниту поради фактот дека огромна моќ е сместена во таа позиција, туку највеќе поради потребата да се тестираат и компарираат идеи кои произлегуваат од општеството.
Опција 2: Неверување дека дебата е потребна за Македонското општество
Нема што да дебатираме - граѓаните ќе одлучат на избори за која политика треба да го дадат својот глас. Делата се реперот за успешноста на Владите а не зборовите.
--Опасно е воопшто да се замисли општество кое не разговара за идеи, за политики, за вредности. Стравувам дека кругот на прашања за кој дебатираме е се помал и помал. Секако дека делата се важни во процесо на носење одлуки, но подеднакво важни се и идеите, нели впрочем делата произлегуваат од идеа, а доколку отворено дебатираме за некои идеи – некогаш, барем некогаш ќе можеме да ги подобриме и делата, така што повторно вие ќе имате директен ќар од тоа, ем сте дебатирале ем подобри дела.
Неодамна во FT имаше статија за Руските избори и еден коментар го привлече моето внимание поради апликабилноста во даденава ситуација, истиот одеше вака: Како да постои социјален договор меѓу Власта и граѓаните, Властите ветуваат повисок стандард – но за возрат бараат политичка пасивност. Така некако е и во нашава ситуација – нема да дебатираме- одлучете кого ќе поддржите врз база на делата кои ги правиме.
Опција 3: Тишината е најтежок аргумент за побивање.
Веќе неколку избори по ред, на Премиерот на нашата држава му успева без да излезе на јавна дебата со своите политички противници да победи на изборите. Одтаму можеби ова се смета како успешна политика која треба да се применува за да се задржи рејтингот на владеачката партија.
--Да тишината е најтежок аргумент за побивање и можеби е најлесно да решиш дека нема да практицираш дебата, но тоа не е правилниот избор. Плуралитет на идеи и избор на идеи е столб на демократијата, доколку некој решил да не практицира дебата, де факто го ограничува просторот за изложување на различни идеи – а со тоа влијае и на степенот на демократија во државата. Многу политичари имаат различни искушенија во облик на полесен начин како да се справат со одредени прашања, но идеата поради која од буџетот им даваме големи плати, назначуваме шовери и доделуваме темни службени возила е да се издигнат над полесните избори и да ги прават вистинските избори.
Опција 4: Таен пакт
Со кого и да дебатираат: граѓански сектор, новинари, интелектуалци – сите одработуваат за некого, најчесто некого = СДСМ. Затоа не треба да дебатираме со нив бидејќи имаат скриени агенди.
--Овој аргумент во теоријата се вика домино ефект, започнува со еден мал чекор кој води до низа поврзани настани кои кулминираат со значаен ефект. Воедно овој аргумент е во теоријата како класична логичка грешка. Во нашиот случај, стравувам дека за некое време нема да остане „достоен“ противник за размена на мислења.
Опција 5: Мисија – простор за јавна дебата
Можеби, само можеби постои политика на одбивање на дебатни дуели, за мошне поглатко да оди оној процес на идентификување на подобни и неподобни телевизии, подобни и неподобни емисии, подобни и неподобни новинари. Поприлично лесно за остварување- одиш на емисиите кои ги сметаш за прифатливи, со новинари кои ги сметаш за подобни, не одиш кај оние кои се од тајниот пакт. Со тоа сугерираш кај јавноста и твоите поддржувачи кои се опозициски медиуми/емисии/новинари а кои се неутрални.
А јавни дебати најголем дострел имаат кога се на национални телевизии, достигаат до најголема публика, имаат најголема гледаност. Сега за сега субститут на ова немаме, интернет дебатите не се развиени до мера да можат да ги заменат класичните ТВ дебати. Така што моменталната ситуација во медиумите е поларизирана и етикетирана само зборува за тешкотиите во обезбедување јавен простор за дебат.
--
Е сега, погледнете ги повторно причините погоре, дополнете ги со што мислите дека е можно да е дополнителна причина, одземете тоа што не Ви се допаѓа од мојата листа, и замислете се дали вреди?
Дали вреди која било причина да не ја практикуваме нај-демократската алатка која ја имаме за бирање на нашите политички фаворити и политиките кои сметаме дека треба да се спроведуваат во нашата држава.
Жално е доколку после 20 години демократија ние треба да се убедуваме дека дебатата е корисна за едно општество и дека треба да ја практицираме.
Жално е доколку треба да се убедуваме меѓусебно дека преку дискусија треба да утврдиме која политика повеќе ни се допаѓа и таа да ја поддржиме.
Дебатата не нуди компромиси – нуди различни ставови кои треба да бидат презентирани пред пошироката јавност – а јавноста да одбере што и делува разумно, изводливо, прифатливо и сл.
Дебатата мора да биде во центарот на политичкиот дијалог, а не излитените шаблонски соопштенија за медиуми и наштимани трибини и ток – шоу-а.
Мораме да ги гледаме нашите политичари од сите ешалони на кој начин ги аргументираат проектите и идеите на поврзани со нивните идеологии.
Мораме да видиме и каде е судирот на мислења помеѓу политичките партии, освен оној очигледниот за превласт.
Со влегувањето во политиката, мораат политичарите да прифатат дека нивните идеи ќе бидат ставени на тест, нивните идеали предизвикани а нивните вредности нападнати – и тие мора да ги одбранат истите доколку навистина веруваат во нив и доколку навистина постојат аргументи кои се на нивна страна.
Но без непотребна патетика од моја страна, и моите чуства кон дебатата- да ги видиме последиците од ова:
Граѓаните скоро и да се навикнаа да носат одлуки/ гласаат без притоа да ги чујат лидерите на политичките партии како ги „бранат“ тие политики, тие вредности.
Новинарите се на работ да се откажат од правење на класични дебатни емисии, но не без причина, кутрите - најверојатно се изморија од празните столчиња во нивните студија – и решија да го одберат полесниот пат- кафе пиенки со стандардна екипа гости.
Политичката опозиција, срамежливо од избори на избори ќе потспомне дека сака дебата, во остатокот од времето, како ѓоамити - џентлменски да се договориле со политичките опоненти дека моменталната ситуација е вин – вин за двете страни, и едниве си победуваат на избори не – одејќи на дебати, и другиве имаат оправдување да ја користат реториката: недемократска власт – видете не излегува на дуели.
Интелектуалците, граѓанскиот сектор – започнаа да пре-бираат дали да одат на дебати, кој ги организира, дали говорниците им се по ќеиф и така натака. Сметам дека ова на долг рок е лошо решение и дека само ќе допринесе кон задушувањето на можноста за аргументирано комуницирање меѓу различни интересни групи.
Да не ни зборувам какво влијание има ова кон младата и кревка МК демократија, на која ужасно и треба културна и аргументирана дебата, на која ќе ги видиме лидерите на партиите во исто студио, без плукање, кубење и плачки како разговараат за важни прашања. Па можеби, само можеби младите генерации во тие партии и младите генерално ќе видат дека политиката е натпревар на идеи и политики а не на лепење плакати и реклами.
И како после јас со Георги В. (заедно предаваме дебата), кога ќе одиме на предавање во сабота со 25 деца средношколци во Скопје да им објасниме, дека дебатата е важна алатка во демократските општества, и дека треба да дебатираме за да можеме да ги избереме вистинските идеи за одредени прашања. Среќа во несреќа е што мислам дека дечките кои доаѓаат на предавањата се посвесни од политичарите.
И колку за потсетување, над 10 дебати имаше до денска Републиканската партија за да го одберат соодветниот кандидат кој ќе се натпреварува за претстедателската позиција со претседателот Барак Обама.
Ах да. Ќе заборавев една опција. Доколку е причината форматот на дебатата. Односно доколку постојат дилеми околу врметраење на говорите, неутрален модератор, локација и слично, не се сеќирајте, само нека има желба, другото се се средува.


Или...
ReplyDeleteПресметан PR потег:
Не дебатирам затоа што е голем ризикот дека ќе заврши лошо за мене и за мојот рејтинг. Гласачите не прават притисок за дебати и не ги казнуваат многу оние кои не дебатираат, па затоа по сигурно е да се ќути, немасто да се ризикува пад на рејтинг кога би се случила дебата.
Па што знам, некако не мислам дека доколку излезат на конкретна тема со ограничено време и модератор дека е можно да заврши толку лошо за Премиерот. Можно е да изгуби дел од поддршката, ама не да ги изгуби изборите.
ReplyDeleteПоентата е дека најверојатно ќе изгуби повеќе подршка после дебата со добар противник, отколку ако воопшто нема дебата.
ReplyDeleteАко на пример се случеше дебата Шекеринска vs. Груевски, дали мислиш дека за Груевски немаше да заврши толку лошо? Единствено го вади тоа што имаме лош судија - ние граѓаните.
Се слагам
ReplyDelete